Колку
и да напредуваат апликациите за правење музика на PC, сепак останува
едно големо ограничување, пред се како резултат на тоа што вашата
сакана бела кутија не е специјално наменета за музичка продукција.
Имено, осудени сте да работите само со глувче и тастатура, што
искрено е далеку од идеално. МИДИ клавијатурите и не се толку
скапи, па секој кој има намера малку посериозно да се зафати со
работа може да си набави една. Но, работата со МИДИ контролерите
е малку поинаква. Она што можев да го забележам сурфајќи по интернет
е дека решенија за тоа има многу малку, а и тие што ги има се
прилично скапи. Надвор од професионалните решенија од познати
фирми, постојат и неколку мали фирмички кои изработуваат вакви
кутии, но и тие не се особено достапни. На пример, контролери
со 8 потенциометри се продаваат по цени кои почнуваат од 250$
па нагоре. И што сега?
Постојат
неколку "направи сам" решенија. Не се идеални, да, некој
ќе каже дека се работи само за импровизација, но сепак за малку
пари може да се добие нешто што ќе биде функционално. Следуваат
неколку линкови до страници кои опишуваат како да направите сами
МИДИ контролер.
www.ucapps.de
- дом на MIDIbox контролерот. Постојат верзија со 8, 16 и 64 потенциометри
(или друг вид на контролери, на пр. копчиња). На страницата се
наоѓаат детални упатства и шеми за изработка на контролерот како
и firmware-от кој треба да се "запржи" на чип. Финалниот
производ би требало да биде сосема функционален и програмабилен,
но сепак е решение кое не може да го изведе баш секој (потребни
се познавања ала народна техника), а и од списокот на делови се
гледа дека баш и не е најефтин.
www.come.to/re_turn
- ReTurn Programmable MIDI Controller со 8 потенциометри (ротирачки
или клизни). Сосема солидно решение, поедноставно од предходниот
модел, иако повторно бара познавања и искуство во електроника
. На страницата ќе ја најдете соодветната шема, упатства, firmware
и контролниот софтвер.
www.spacetaxi.de/sf/toaster.html
- Toaster-Analogue Acid Controller. Далеку наједноставен и најефтин
за изработка, но затоа и најограничен. Најефтин е затоа што за
разлика од предходните два не содржи чипови, отпорници и сл. Всушност
работи на принцип на модифициран џојстик со четири оски и четири
копчиња, а движењата на потенциометрите и копчињата преку посебен
софтвер се преведуваат во МИДИ информации. Вакво нешто може лесно
да се изработи (бара само малку лемење на деловите: потенциометрите
директно на кабелот), а ако и тоа ви е многу, може да ви го направат
во некоја електро-техника за околу 2000 денари. Софтверот на самата
страница од мое искуство и не е најфункционален (ги препознава
сите копчиња, но само два од четирите потенциометри), нешто подобар
е софтверот за иста намена сместен на http://vellocet.com/