> by Ненад Плазибат-НЕно

Доцнење (delay)

Ревербот е ефект кој се користи да им се даде малку повеќе простор на вокалот или на некој инструмент или за да се сместат истите во миксот. Но, за тоа постои и уште една опција: дилеј (доцнење), користен самостојно или заедно со реверб. Во што е разликата? Ревербот е мазен глобален ефект кој му додава на звукот едно очигледно чувство на простор, често додава звук на одредена средина (како сала или соба), но истовремено може да биде доста густ ефект кој зазема премногу простор, и ако се претера може да го направи звукот премногу далечен. Доцнењето може да создаде чувство на простор, различно од она на ревербот, а истовремено да го задржи звукот во преден план. Покрај ова, доцнењето може да се користи за задебелување или удвојување на звукот, создавање стерео звук, правење покомплексни ритми, во комбинација со ехо и флангер ефектите. Овој ефект го пушта аудио сигналот повторно по одредено време наречено време на доцнење (delay time). Вториот сигнал се нарекува повторување. Понекогаш е доволно едно повторување, а за повеќе, излезот од машината повторно оди во влезот (процес на регенерација или feedback) и така оригиналното повторување се преповторува и т.н.

Малку историја

Доцнењето како ефект во снимањето се користи уште од 1950-тите. Наједноставен начин бил со користење магнетофон со одвоени глави за запис и репродукција. Поради просторната оддалеченост на главата за репродукција од главата за снимање, што вообичаено е 5 cm, снимениот сигнал што истовремено се репродуцира ќе биде закаснет, зависно од брзината на лентата. Се користеле и специјални магнетофони направени за таа намена - претходници на денешните ефект процесори. Всушност, се работи за магнетофони кои користат затворена јамка од лента што кружи постојано преку главата за бришење, главата за запис и главата за репродукција. Наместо една, може да има повеќе глави за репродукција поставени на различни растојанија од главата за запис. Сите глави се поставени во круг. Покрај со магнетофони, доцнењето се изведувало и на други механички начини, како на пр. со челични плочи, пружини или на акустички начин со акустичка линија за доцнење. Секој од овие начини има свои особености и ограничувања, а најкарактеристичен недостаток им е гломазноста и високата цена или несоодветноста за корисна употреба.

Дигитално доцнење

Дигиталното доцнење работи на принцип на дигитализирање на звукот, негово зачувување во меморија (RAM), пуштање по одредено време (време на доцнење) и претворање на звукот повторно во аналоген на излезот. Обично овие ефекти имаат вграден LFO за модулирање на сигналот кој доцни и овозможување ефекти како ехо или флангер. Постои огромна разлика помеѓу класичното доцнење (со лента) и дигиталното. Кај дигиталното, се прави верна копија на оригиналниот звук кој потоа се повторува и секое повторување е само потивок клон на претходниот звук. Кај класичното доцнење, со оглед на тоа што звукот се снима аналогно на лента, повторувањето дава малку поинаков звук, што се пренесува и понатаму, во секое следно повторување. Така, секое наредно повторување е со поинаков звук, најчесто со намалени високи тонови и малку заматен звук. Бидејќи ваквиот ефект од лента претставува еден веќе класичен звук, некои современи дигитални дилеји имаат програми за негова симулација.

Практична употреба на доцнењето

За оние кои создаваат музика на компјутер постојат еден куп дилеј-плагини, вклучувајќи и симулации на класичните дилеј звуци. Најчесто се користи како send ефект, преку миксер, што значи дека може да се примени на повеќе канали оддеднаш, со различен интензитет за секој. Дилејот треба да се постави на максимум wet, така што ништо од dry звукот да не стига на излезот. Задоцнетиот звук потоа се враќа во миксот и едноставно се помешува со оригиналот.
Дилејот може да се користи на различни начини, што произлегува од различното време на доцнење. Човечкото уво поголемите задоцнувања ги препознава како одделни еха. Со помало задоцнување се создаваат поинакви ефекти. Доцнењата до 5мс се претопуваат со директниот сигнал. Екстремно малите задоцнувања може да се користат за амбиентални ефекти, а задоцнувања од 10мс до 30мс може да се користат за здебелување на звукот или додавање стерео. Методот на едно повторување и мало задоцнување е корисен за создавање поголема стерео слика и може да го претвори моно звукот во псевдо-стерео (околу 20мс).
Задоцнувања во рамките од 30мс до 60мс создаваат ефект на удвоен звук. За ваков ефект, излезот од дилејот треба да биде на слично ниво со оригиналниот звук, без feedback и само едно повторување. Притоа, може да се додаде малку модулација на задоцнетиот звук за да се направи мала звучна разлика.
Со зголемување на задоцнувањето се добива ефект наречен slapback. Тоа е оригиналното рокенрол ехо - краток дилеј без feedback и само едно повторување. Времето на задоцнување за овој ефект е 60-130мс.
Multitap дилејот е комплексен дилеј со кој од различни точки на изворниот звук се создаваат повторувања кои не мора да се еднакво оддалечени и можат да имаат различен интензитет и feedback секоја.
Пинг-понг дилејот создава звук каде задоцнувањата како да се одбиваат од левиот и десниот звучник.

Задоцнувањата во миксот

Задоцнувањата мора да бидат интегрирани во миксот. Како и за останатото во миксот, се користат нивото на звукот, еквилизацијата и панингот на дилеј каналот, за тој да се вклопи во миксот. За да се создаде поприродно доцнење, треба да се запомни дека во природата ехата се потивки и потапи од оригиналниот звук. Што се однесува до панингот, екстремно лев и десен панинг го прави доцнењето преекспонирано, па затоа е подобро да се држи задоцнетиот звук во потесна рамка. Секогаш треба да се провери каков ефект има задоцнувањето на моно звук. Кога се користи моно доцнење на одреден звук, најдобро е да се намести задоцнетиот звук наспроти оригиналниот во стерео сликата. Конечно, наместо да додавате директно дилеј и реверб на одреден звук, обидете се на поинаков начин - користете дилеј на оригиналниот звук, а потоа додадете реверб на задоцнетите повторувања.

NEno