Секвенцери
Секвенцерот
е централниот дел во секој компјутерски музички систем. Во основа
еден секвенцер содржи повеќе независни канали на кои може да се
снимаат звуци, а потоа тие да се репродуцираат. Ова е една сосема
едноставна дефиниција за овој вид софтвер, затоа што е доста тешко
прецизно да се дефинираат секвенцерите. Во секој случај се работи
за софтвер за продуцирање песни, традиционално преку MIDI. Денешните
секвенцери овозможуваат софистицирано аудио монтирање, ефекти, миксирање,
печатење ноти, едитирање звуци, синхронизација со што се развија
во целосни пакети за студио продукција.
Cubase
спаѓа во горната класа на секвенцери (тоа се оние поквалитетните,
со мноштво професионални опции, и секако со повисока цена каде уште
спаѓаат и Logic и Vision). Овој производ на Steinberg
е дефинитивно еден од најпознатите музички програми воопшто, што
е и разбирливо ако се земе дека има традиција која влече корени
уште од времето на Атари. Почна како едноставен MIDI секвенцер,
за да со текот на времето и особено со имплементацијата на VST (Virtual
Studio Technology) стане вистинско виртуелно студио. Навистина е
тешко да се опише овој програм во кратки црти, единствено како доказ
за неговиот квалитет нека послужи фактот дека може речиси без исклучок
да се најде во секое музичко студио.
n-Track
е секвенцер од долната класа. Иако и Logic на Е-Magic
фирмата е доста популарен во оваа категорија сепак по својата функционалност
тој е премногу блиску до Cubase, па затоа можеби е подобро да се
спомене токму n-Track. Овој програм е доста поедноставен, со помал
број опции особено што се однесува до MIDI делот, што има и своја
добра страна, а тоа е помалата побарувачка за компјутерски ресурси.
Позитивна е секако подршката на Steinberg форматот VST, што значи
дека бројните VST плагини може да се користат и овде.
Plug-ins
Плагиновите
како концепт постојат одамна, и претставуваат функционални дополнувања
на одредена програма. Секој кој работел во Photoshop барем малку
посериозно знае дека постојат мал милион додатоци, пред се различни
ефекти кои се набавуваат дополнително од главниот софтвер и ја прошируваат
неговата функционалност.
Ваквите додатоци се важна работа и во аудио софтверот. Ова е разбирливо
ако се спореди со светот на аналогната музика, каде постојат еден
куп хардверски додатоци кои служат за разубавување на звукот. Со
таа разлика што намената на ваквите додатоци во светот на дигиталната
(ако повеќе сакате компјутерско-софтверски продуцираната музика)
е ограничена само со фантазијата.
Постојат сериозни фирми кои произведуваат плагинови со професионален
квалитет, и очекуваат за нив да платите речиси колку и за нивните
хардверски еквиваленти. Но, на сцена стапуваат бројните ентузијасти
кои преку интернет ги дистрибуираат своите трудови за симболични
цени, а не ретко и бесплатно. Нормално, колку пари толку музика,
но во морето на бесплатни плагинови на интернет можете да најдете
и вистински бисери.
И уште нешто. Постојат повеќе стандарди за плагинови. Главни се
DirectX (значи по теркот на Microsoft) и VST (стандард на Steinberg,
производителот на Cubase). Постојат и плагинови за само една платформа,
односно за употреба во само еден програм за кој се и наменети. Од
сите овие, најпопуларни се VST плагиновите, пред се заради нивната
прифатеност во некои од најкористените аудио програми, како и заради
постоењето на голем број бесплатни VST плагинови. Доколку пак вашиот
омилен аудио софтвер не овозможува употреба на оној вид плагинови
кои баш сакате да ги користите, без паника, постојат неколку програмчиња
кои ќе ви го решaт тој проблем. Ако пак користите Reason (кој покрај
сета негова генијалност за жал е затворен систем) и како мене имате
еден куп бесплатни плагинови собрани од интернет не очајувајте.
Тука е Rewire кој ви овозможува возење на Reason под Cubase а со
тоа и употреба на VST и DX плагинови.
Следуваат неколку адреси со кои можете да ја започнете потрагата
по плагиновите кои ќе направат чудо од вашата музика. Напомена дека
се работи како за бесплатни така и за shareware плагинови.
http://www.dbrown.force9.co.uk/products.html
- неколку бесплатни и неколку shareware плагинови
http://webperso.alma-net.net/burel/
- некoлку егзотични и уште поважно бесплатни плагинови
http://vellocet.ii.net/software.html
- уште бесплатни плагинови
http://www.abel.co.uk/~maxim
- еден куп, преку 20, и сите бесплатни
http://www.multimania.com/jeje1999/plug.htm
- уште еден куп бесплатни плагинови
http://members.xoom.com/bosplugins/
- неколку интересни и секако бесплатни плагинови
http://www.fortunecity.com/tinpan/liceladder/747/starte.htm
- и уште
http://www.prosoniq.com/sms/sprenger.html
- е овде има само еден ама дефинитивно вреди да се има.
Напомена: бидејќи се работи за софтвер направен од поединци, без
комерцијални ефекти, не се чудете ако дел од овие страници повеќе
не функционираат. Едноставно обидете се со некој од пребарувачите.
Доколку пак сакате и самите да се обидете во правење на плагинови,
свратете до страницата на Steinberg, прочитајте нешто за оваа тема
и симнете си ја апликацијата која ке ви помогне. Во секој случај
забавувајте се.
Teма:
Mouse Keyboard
ОК,
овој натпис требаше да биде вовед во една пошироко елаборирана тема
- MIDI, што е тоа, и каква корист од него во правењето музика на
PC. Но, во меѓувреме, наидов на едно доста интересно парче софтвер,
па додека ми е свежо, ќе напишам нешто околу него, а мислам дека
ќе биде и добар практичен пример во врска со MIDI-то.
Една од предностите на MIDI е секако управувањето на вашиот омилен
софтвер многу пореално отколку само со глувче, т.е. преку MIDI клавијатура
или MIDI контролер, на пример. Бидејќи многу од PC музичките ентузијасти
и немаат клавијатура или контролер, осудени се да работат само со
глувче. Корисниците на Fruity Loops можат да ја употребуваат и тастатурата
за свирење. Но, што со останатиот софтвер? Јас на пример преферирам
Reason. Решението на овој проблем е Mouse Keyboard.
Бесплатен софтвер, всушност postcardware - значи може да се користи
слободно, без рестрикции, освен прозорот кој се јавува при секое
стартување; доколку тоа ви пречи, пратете му разгледница на авторот
и ќе го добиете регистрацискиот код. За да се употребува со Reason
(за свирење на Subtractor или Sempler), а најверојатно и со секој
друг програм, потребно е да се инсталираат виртуелни MIDI драјвери.
Обидете се со Hubis Loopback Device или MIDIYoke (овој вториот го
има и во верзија за WinNT, Win2000 и XP). Мали, бесплатни програмчиња,
само следете ја процедурата за нивно инсталирање во ReadMe документите
и за кратко време ќе имате уште неколку MIDI портови на вашиот PC
(во вид на виртуелен хардвер). Потоа е можно со Mouse Keyboard полесно,
преку тастатура, да ги создавате своите мелодии во Reason.
Кратко упатство за подесувањето: Откако ќе ги инсталирате правилно
виртуелните MIDI портови, тие се појавуваат во подесувањата во секој
аудио програм. Во Reason, во Edit>Preferences Page: MIDI потребно
е да се стави некој од новите, виртуелни MIDI канали во делот Sequencer
Port или External Control Bus A (B, C, D). За ова второво да функционира
(да "свири") потребно е соодветниот Bus да се подеси во
MIDI IN DEVICE (првата справа во Reason) и како прв канал да се
стави справата што сакате да ја свирите преку Mouse Keyboard. За
свирење преку секвенцерот не заборавајте да го префрлите MIDI знакчето
во соодветната трака. Во Mouse Keyboard, како MIDI Out треба да
се стави истиот тој виртуелен канал кој е одбран во Reason. Како
MIDI IN може да остане none.
Mouse Keyboard ќе го најдете на www.bome.com (btw на истата страница
можат да се најдат и уште некои интересни производи од истиот автор).
Се надевам дека ова некому ќе помогне, а за во иднина остануваат
во најава вистинските MIDI теми (општо за MIDI, MIDI контролери
и сл.)
1
2 3
|